Во викенд деноноќието меѓу саботата и неделата во државава се регистрирани 1.254 нови случаи на КОВИД-19, со што бројот на активни случаи со корона вирусот достигна 20.114. Меѓу вкупниот број на позитивни има и 169 реинфекции.

Во посочениот период се регистрирани и 28 оздравени пациенти, како и 21 починат во болнички услови на возраст од 54 до 90 години. Од вкупниот број на починати лица, девет биле целосно вакцинирани, а кај 20 од нив биле регистрирани коморбидитети.

Досега во земјата се направени вкупно 1.785.054 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 268.191, бројот на оздравени пациенти е 239.694, а на починати е 8.383.

Во услови на постојан раст на новозаболени остануваат препораките за почитување на мерките за заштита и за вакцинирање на населението.

Како мерка за што поголема опфат на населението со вакцинација, Катар одобри употреба на вакцината на Фајзер за деца од пет до 11 години, додека Велика Британија даде препорака за вакцинација на децата на оваа возраст кои спаѓаат во ризичната група или живеат со луѓе со слаб имунолошки систем.

Вакцинација на децата на возраст од 5 до 11 години, претходно одброија и неколку други земји, меѓу кои и САД, Израел, Бахреин и Саудиска Арабија.

Дозите на вакцината на Фајзер/Бионтек, кои ќе им се даваат на децата, се намалени до 10 микрограми, што е една третина од дозата за возрасни.

Од друга страна, Асоцијацијата на општини на Косово упати ново барањето до косовското Министерство за здравство за укинување на полицискиот час, кој е во сила поради пандемијата на Ковид-19 и што трае од 22 до пет часот наутро.

Директорот на Асоцијацијата, Сазан Ибрахими изјави дека побарале средба со министерот за здравство, Рифат Љатифи, пред 4 февруари, кога ќе се преразгледуваат важечките мерки за спречување на ширењето на пандемијата.

Според Ибрахими, воведувањето забрана за движење на граѓаните и за работа на угостителските објекти по 21 часот не дава резултати уште од октомври минатата година, кога во Косово имаше многу мал број случаи на новозаразени од коронавиррусот.

Покрај ова барање, кое постојано го истакнуваат и угостителите, во Косово и во соседните земји мошне гласни се и барањата до властите во Приштина за укинување на обврската за приложување потврда за примени три анти-ковид вакцини или за две вакцини плус негативен РТ-ПЦР тест не постар од 48 часа при влез во државата.

Барање до косовските власти за укинување на обврската за три вакцини, која заедно со полицискиот час и други анти-ковид мерки, беше воведена на 14 јануари, меѓу другите, упатија и вицепремиерот Артан Груби и министерот за здравство Беким Сали, како и жители на Кукеш и другите населени места во Албанија од пограничните реони со Косово и градоначалниците на општините со мнозинско албанско население во јужна Србија.

Во меѓу време, директорот на Центарот „Гамалеја“, Александар Гинцбург информира дека испитувањата на руската вакцина „Спутник лајт“ покажале дека лицата кои ја примиле оваа вакцина како трета доза ќе бидат „100 отсто заштитени од сојот омикрон во текот на три месеци“. Според него, 75 отсто од вакцинираните со Спутник В имаат антитела кои го неутрализираат сојот омикрон.

– Ако се погледне крвната плазма на луѓето кои примиле засилувачка доза Спутник лајт, може да се забележи дека тие имале 100 отсто антитела кои го неутрализираат вирусот три месеци по примањето на третата вакцина, истакна Гинцбург.

Сепак, тој не е премногу оптимист околу крајот на пандемијата.

– Не се осмелувам да тврдам дека ова е последната фаза. Додека разговараме се појавуваат бесконечен број нови видови на Ковид-19. Засега само се бориме со последиците, почнуваме да го гасиме пожарот, додека огнот веќе гори, додаде Гинцбург.