Почеток на изградбата на кружен тек на критичната крстосница „Ѓорче Петров“

Градот Скопје започнува со реализација на значаен сообраќаен проект во западниот дел на градот.

„Денес ја распишавме јавната набавка за изградба на кружен тек на една од најкритичните точки во Скопје, крстосницата меѓу ‚Ѓорче Петров‘ и ‚Македонска војска‘. Со тоа, обезбедуваме повеќе безбедност, помалку метеж и побрзо движење“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Дел од визијата „Нула несреќи“ – 50 опасни крстосници редизајнирани до 2030 година

Проектот е дел од поголемата визија на градот „Нула несреќи“, според која до 2030 година ќе бидат редизајнирани 50 опасни крстосници и улици по европски стандарди.

„Целта ни е Скопје да стане град во кој сите учесници во сообраќајот се движат сигурно и без страв“, додаде Ѓорѓиевски.

Покрај кружниот тек, во Ѓорче Петров се предвидени и други инфраструктурни зафати: ново поврзување на улицата „Лука Геров“, реконструкција на улицата „101“ во Волково, проектирање на „Веле Марков“ како нова сообраќајна артерија и изградба на улицата „Шарпланинска“ со модерна инфраструктура и зеленило.

„Овие инвестиции значат подобра мобилност, побезбедни улици и повисок квалитет на живот за целиот западен дел на градот. Продолжуваме посветено со работа, со план и со љубов кон Скопје“, заклучи градоначалникот.