Невзат Бејта повторно ќе се вклучи во трката за градоначалник на Гостивар. Тој најавува дека на повторените избори ќе го бара својот трет мандат. Бејта ја има поддршката од коалицијата Вреди. Кандидатурата ја објави синоќа на неговиот Фејсбук-профил.

Во објавата, наведе дека одлуката е донесена по консултации со раководството на коалицијата и по анализи на спроведени анкети.

„Почитувани граѓани на Гостивар, согласно резултатите од анкетите и по консултациите со лидерите на Вреди, беше одлучено кандидат на Вреди за овие избори во Гостивар да бидам јас. За официјализирање на ова иницијатива, чија единствена цел е доброто на градот и граѓаните на Гостивар, утре во 12 часот ќе ја поднесеме кандидатурата до Општинската изборна комисија“, стои во објавата на Бејта.

Тој ги повика граѓаните да му се придружат при поднесувањето на документите, најавувајќи дека ќе се соберат во малиот парк до општинската зграда.

Бејта има повеќедецениско политичко искуство. Бил градоначалник на Гостивар двапати — од 2005 до 2009 година, и од 2013 до 2017 година. Претходно бил пратеник од редовите на ДУИ, потпретседател на партијата и министер за локална самоуправа. На локалните избори во 2021 година исто така беше кандидат. Негов противкандидат беше Арбен Таравари.

Со објавувањето на кандидатурата, Бејта станува вториот учесник во изборната трка. Првиот што ги поднесе документите до Општинската изборна комисија беше Ваљбон Лимани, кој тоа го направи вчера.