Да се откријат причините за едномесечната тешка миризба во вечерните часови во Прилеп што влијае на здравјето на граѓаните и виновникот да сноси одговорност, побараа прилепчани на протестот и едночасовната блокада денеска од 11 до 12 часот кај фабриката „11 Октомври“ пред погонот Ламинати.

Инспекциските служби во локалната самоуправа соопштија дека пожарникарите за 20-тина дена, поточно од 26 август до 14 септември интервенирале 12 пати на гаснење пожари во кругот на фабриката „11 Октомври“. Од последниот пожар со непријатна миризба земени биле примероци за анализа. Граѓаните не веруваат и сметаат дека се изманипулирани. Бараат да се лоцира виновникот.

Весна Шапкоски од невладината организација „Станица П:Е.Т.“ смета дека службите не си ја работат работата како што треба. Според неа, граѓаните не се задоволи од тоа како постапуваат по пријавите од Општината и од Државниот инспекторат за животна средина.

– Во почетокот на неделата поднесовме пријава до инспекторатот, а и до Народниот правобранител за несоодветното постапување при загрозување на здравјето на граѓаните, изјави Шапкоски.

Гоце Трајкоски од урбаната заедница „Сточен пазар“, вели дека на мирен протест се граѓани од урбаните заедници „Чачорица“, „Сточен пазар“, но и другите граѓани поради непријатната миризба што се шири во градот.

– Последниве два дена како да е стивнато, но тоа е страшна миризба, на пластика, мириса на гуми, на смола. Се вовлекува во носот, очите печат. Ова влијае на здравјето. Бараме надлежните општински и државни институции во најскоро време да преземат мерки и да го лоцираат виновникот, изјави тој.

Златко Мицески, жител кој живее во близина на Фабриката, денеска на протестот побара Инспекторатот да преземе мерки.

– Живеам до фабриката „11 Октомври“. Оваа миризба околу еден месец не е од некој пожар во фабриката. Таа беше константна цело време во вечерните и ноќните часови. Нека не манипулираат со нас, вели прилепчанецот Игор Секулоски.

Во прилепската болница потврдуваат дека последниот период зголемен е бројот на пациентите кои се жалаат на проблеми со очите токму поради миризбите и тешкиот воздух.