ТЕНЗИИ МЕЃУ ТЕХЕРАН И ВАШИНГТОН: Иранската револуционерна гарда порача дека е „со прстот на чкрапалото“
Иранската револуционерна гарда е „поподготвена од кога било и со прстот на чкрапалото“, изјави нејзиниот командант, генерал Мохамед Пакпур, откако САД најавија дека упатуваат воена флотила кон Блискиот Исток и дека армијата е подготвена да одговори.
Платформата Нурњуз, блиска до Врховниот совет за национална безбедност на Иран, објави дека Пакпур ги предупредил САД и Израел „да избегнат каква било погрешна проценка“.
„Исламската револуционерна гарда и Иран се поподготвени од кога било, со прстот на чкрапалото, да ги извршуваат наредбите и директивите на Врховниот командант“, се наведува во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно неколку пати го предупреди Техеран дека САД ќе употребат сила доколку продолжи насилството врз мирните демонстранти, кои од 28 декември протестираат низ целата земја.
Трамп пред два дена изјави дека САД преместуваат воени бродови кон регионот „за секој случај“, доколку се донесе одлука за акција.
„Имаме огромна флота што се движи во таа насока и можеби нема да мора да ја користиме“, рече Трамп, додека американски воен претставник додаде дека во Индискиот Океан веќе има распоредено носач на авиони.
Поради зголемените тензии, неколку европски авиокомпании ги откажаа летовите кон Иран и кон околните земји, меѓу кои и Обединетите Арапски Емирати.
Иако демонстрациите во Иран во меѓувреме се смирени, бројот на жртви продолжува да расте. Според американската новинска агенција ХРАНА, досега загинале 5.137 лица, а повеќе од 27.700 луѓе се уапсени.
