Делегации од општината, збратимените градови и Сојузот на борци ќе положат цвеќе пред спомениците на народните херои
Општина Битола денеска го одбележува историскиот 4 Ноември, денот кога борците од 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и партизанските одреди, вклучувајќи го и составот на Седмата битолска бригада, го ослободија градот од окупаторските сили во 1944 година.
По капитулацијата на Бугарија, во Битола и околината останаа само германски воени единици кои се повлекуваа кон Грција и Албанија. Нападот изведен од Битолско-преспанскиот партизански одред резултираше со уништување на непријателските сили, а градот беше целосно ослободен во утринските часови на 4-ти ноември.
Положување цвеќе и свечена академија за одбележување на херојството
За време на Народноослободителната и антифашистичка борба во Македонија против бугарските, италијанските и германските окупатори, околу 270 битолчани го положија својот живот. На споменикот на партизанските гробишта во Битола е испишано: „Со вашиот хероизам ја победивте смртта.“
Според традицијата, делегации од општина Битола, збратимените градови и Сојузот на борци ќе положат цвеќе пред спомениците на народните херои. Потоа ќе следуваат празнични активности подготвени од повеќе организации, асоцијации и здруженија на граѓани.
Вечерва, во битолскиот театар ќе се одржи свечена академија на која ќе биде доделена наградата за животно дело, која годинава му припадна на ликовниот уметник Панде Петровски.
