Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против три лица, кои се осомничени за кривичното дело Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење. Според Обвинителството, тие со свои постапки предизвикале загадување на системот за водоснабдување на Општина Гостивар и дел од околните села.

Осомничени се вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Според Обвинителството, тие како соизвршители со штетна материја ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот за водоснабдување.

Според наредбата за истрага, на 25 јуни осомничените им наложиле на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода што содржела штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење, со цел да го тестираат притисокот на водата.

При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од потопните пумпи сè уште биле во функција. Преку потисни црева поставени низ преливниот отвор тие пренесувале вода со штетна материја – колиформни бактерии – од отворен канал во комората каде што се наоѓала вода за пиење од затворениот систем.

Со тоа, според Обвинителството, дошло до мешање на загадената вода од каналот со водата во главниот цевковод за водоснабдување.

По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје извршил лабораториски анализи на земените примероци.

„Во примероците од површинската вода од отворениот канал е констатирано дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл, а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактериски колонии, како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл, додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето“, наведува Обвинителството.

Во рамки на истрагата бил анализиран и примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар, при што било утврдено зголемено присуство на хлор.

„Во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан опсег од 0,2 до 0,3 мг/л, но не повеќе од 0,5 мг/л“, се наведува во соопштението.

„Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело“, соопшти Основното јавно обвинителство Гостивар.

Од Обвинителството информираат дека истрагата продолжува со преземање дополнителни дејствија за целосно расчистување на случајот. Осомничените се лишени од слобода, а во текот на утрешниот ден јавниот обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе му предложи на судот.