Екипите работат засилено за целосно гаснење на пожарот
Активностите за затрупување на делот од депонијата Дрисла од кој излегува чадење продолжуваат и денеска, со засилено темпо, а според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, чадењето е делумно намалено, но се уште присутно.
– Утрово со засилено темпо продолжи затрупувањето на делот од депонијата Дрисла од кој излегува чадењето, а кој е со величина приближно колку фудбалско игралиште. Отворен оган не може да се забележи, чадењето е делумно намалено, но се уште присутно. Од она што можам да го забележам на лице место во депонијата Дрисла, двата земјени пристапни патишта кои во текот на вчерашниот ден беа изработени како насип низ заезерената површина од отпадни води длабока околу 1,5 метри, значително го олеснуваат пристапот до критичното место, информира Ангелов.
Тој додаде дека ангажирани се оптимален број на камиони, багери и булдожери и дека нивниот број ќе се зголемува како што ќе се создаваат услови за работа на теренот.
На дивата депонија Вардариште, според Ангелов, нема горење ниту чадење, но и таму продолжува затрупувањето на критичниот канал каде претходно се одвивал пожарот.