Случајот со загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар е сериозен инцидент кој директно го загрози здравјето на илјадници граѓани. Сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста, рече утрово министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на прес-конференција во Владата.
Министерот потенцира и дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините, напомена, се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставување и заштита на санитарните заштитни зони околу водните извори.
– Би сакал да ги уверам гостиварчани дека Владата ги презема сите мерки, секако во рамки на своите надлежности, и така ќе продолжи се до конечно расчистување на овој случај. Важно е граѓаните да знаат и кои се законските надлежности. Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори. Истовремено, контролата на квалитетот на водата за пиење е законска обврска на Центрите за јавно здравје, кои имаат обврска континуирано да ја следат исправноста на водата и навремено да ја информираат јавноста и надлежните институции кога ќе се утврди ризик по јавното здравје. Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на обезбедување услови за подобра комунална инфраструктура, објасни Хоџа.
Тој напомена и дека во моментов се спроведува најголем инвестициски циклус за унапредување на водоснабдувањето, канализационите системи, пречистителните станици и заштитата на животната средина.
– Но, инвестициите сами по себе не се доволни. Секој носител на јавна функција и секоја институција и на централно и на локално ниво мора професионално, законски и совесно да ги извршува своите надлежности. Само така можеме да изградиме систем во кој вакви инциденти нема да се случуваат. Нашата обврска е да ја заштитиме животната средина, но пред сè да го заштитиме здравјето на граѓаните. Токму затоа очекуваме брза, темелна и транспарентна истрага, целосно расчистување на случајот и соодветна одговорност за сите инволвирани, нагласи Хоџа.
