Собранието денеска на седница донесе Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2022 година. Неискористените средства од државни институции, со Одлуката се пренаменуваат за други цели и за обезбедување дополнителни пари онаму каде што е најпотребно.
Средства ќе се пренаменат за ЕСМ – за домашно производство на енергија и надминување на последиците од енергетската криза, потоа за редовно финансирање на политичките партии, за финансиска поддршка на МЖ Транспорт, средства ќе се пренасочат за уредување на ТИР-зоните, дополнителни средства ќе има за мерки за контрола и искоренување на болеста африканска чума кај свињите, за електрична енергија за хидросистемот на Дојранско Езеро, за набавка на технологија за управување со отпад.
Со прераспределбата ќе се обезбедат и дополнителни средства за дотации од приходите од ДДВ за општините, односно дополнителни 0,5 отсто од наплатениот ДДВ во претходната година, распределен во два нови дополнителни дела – 0,25 отсто за дел за перформанси и 0,25 отсто за дел за воедначување, согласно последните измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
Според Одлуката, средствата за наведените намени се обезбедени по основ на заштеди од помалку реализираните расходи кај одредени буџетски корисници и дополнително обезбедени средства по основ на КАПЕФ-механизмот заради слабата реализација на капиталните расходи.
Во расправата по оваа точка од дневниот ред на 88-та седница, пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе гласаат за одлуката зашто се скратуваат, како што рече, уште 100-ина милиони евра непродуктивни трошоци и затоа што сметаат дека „граѓаните и стопанството не треба да трпат и плаќаат за неспособноста на функционерите на оваа влада“.
Според него, лага е дека Владата има пакет за помош од 350 милиони евра и дека во реалноста тоа не е повеќе од 20 милиони евра. Притоа посочи дека е одбиен нивниот амандман што го поднеле вчера за 1,46 милијарда денари за да им се помогне на граѓаните, т.е. седум антикризни мерки со кои ќе биле опфатени поголема група граѓани, вклучително средношколци и пензионери.
Во полемиката околу капиталните инвестиции и на критиката од опозицијата дека тие не се реализираат, пратеничката Жаклина Лазаревска реплицираше дека СДСМ има направено двојно повеќе од ВМРО-ДПМНЕ за двојно пократок период. Во 11 години, рече таа, ВМРО реконструирала 1100 километри патишта, изградила или реконструирала 45 градинки и 74 училишта, а СДСМ за пет годни – 2300 км патишта, 67 градинки и 99 училишта.
Пратениците претходно гласаа да се донесе Законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија, за спроведување на Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021- 2027 година.
Вицепремиерот за европски прашања и национален ИПА-координатор Бојан Маричиќ во образложението истакна дека со потпишување на Спогодбата се отвора патот за потпишување на Финансиските спогодби во рамките на ИПА III, меѓу кои и Финансиската спогодба за програмата од 2021 година.
-Оваа финансиска спогодба треба да се потпише до крајот на оваа година, а во спротивно, ќе ја изгубиме можноста за користење на повеќе од 100 милиони евра веќе дефинирани проекти, рече Маричиќ.
Објасни дека проектите се финансираат по принципот на блендирање односно грант од ИПА и заеми од меѓународните финансиски институции, како што се: Европската инивестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Светска банка, Банката на Советот на Европа, Француската развојна агенција.
Посочи дека земјава има добри резултати во користење на овие средства и како пример го издвои финансирањето на патот Скопје – Блаце, градењето на пречистителна станица во Скопје, изградбата на железничката секција кон Бугарија втора и трета фаза, изградбата на фотоволтаичните централи во Осломеј 1 и 2 и Битола итн.
Во пресрет на билатералните состаноци, економските критериуми за пристапувањето во Унијата, рече Маричиќ, стануваат дополнителни стандарди и одредници со кои граѓаните ќе го оценуваат напредокот и развојот на земјата, подобрувањето на нивниот животен стандард и зголемувањето на одржливите можности за секого.
-Вложуваме напори за максимално да ги искористиме сите расположливи европски фондови за развој и благосостојба на граѓаните, кои ќе бидат многу поголеми и повеќе достапни по пристапувањето во Европската Унија. Со тоа го забрзуваме процесот на реформи, кои се неопходни во процесот на напредување кон членство во Унијата, а граѓаните ќе почувствуваат конкретни придобивки од истиот, додаде Маричиќ.
ИПА III е нов концепт на Европската Унија во однос на поддршката на земјите од Западен Балкан, кој започна да се програмира во 2020 година и е тековна активност. Годишната програма за 2021 е одобрена, за 2022 е во фаза на оценување на зрелоста, додека програмирањето за програмата за 2023 е во тек.
Собраниската 88. седница ќе продолжи во 15 часот, по редовната пауза.