Собранието денеска во рамки на 69-та седница донесе повеќе закони од различни области. Со 79 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против, Собранието ја донесе Предлог-одлуката за давање согласност на општиoт акт на Народниот правобранител.

Собранието ги донесе и Законот за инспекциски надзор во животната средина и Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, и двата со европско знаменце, како и Законот за изменување и дополнување на Законот за установите.

Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека поради тоа што нема претставници од страна на предлагачот дополнително ќе продолжи расправата за Предлог- законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за заемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС) и Предлог-законот за ратификација на Спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и на добиточна храна и фитосанитарна област во Западен Балкан.

Џафери соопшти дека исто така нема услови за разгледување на Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за поштенските услуги, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, сите во скратена постапка, односно не се разгледани на матичните комисии.

Во рамки на 69-та седница, Собранието ја донесе и одлуката за одобрување на Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2022 година.

Претседателот на Собранието Џафери ја прекина оваа седница и ги потсети комисиите да закажат седници за останатите точки по скратена постапка.

Пратениците потоа ја продолжија 68-та седница, во чии рамки ги донесоа законите изменување и дополнување на Законот за трговските друштва и на Законот за техничката инспекција, по скратена постапка и со европско знаменце, за изменување на Законот за административни службеници и на Законот за социјална заштита, исто така по скратена постапка.

Согласно Деловникот на Собранието, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петкоска предложи дневниот ред на 69-та седница да се дополни со нова точка, Предлог-закон за измена на законот за трговија, а Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ побара дневниот ред да се дополни со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека се работи за класична злоупотреба на процедурата и информира дека предлог-законот е доставен вчера попладне како текст и според процедурите не може да се најде на дневен ред. Тоа, како што рече, преостанува за наредна седница и предлогот нема да се стави на гласање. Џафери за предлогот на Ковачки рече дека не е почната законодавна постапка, не е распределен законот се уште, нема услови за гласање и нема да се гласа.
Потоа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски процедурало реагираше дека се работи за закон поднесен по итна постапка, за, како што рече, мал закон од две страници и рече дека не е во ред оправдувањето дека законот не е преведен. Според него, се крши Деловникот и со интенција законите што доаѓаат од опозицијата не се ставаат како точки на дневен ред.

Поддршка од пратениците не доби и на дневен ред на 69-та седница на Собранието не се најдоа предлог-измените на Законот за заштита на децата, поднесен од пратениците на Левица, по скратена постапка.
Пратениците од Левица посочија дека го поднеле овој Предлог-закон на барање на родителите на децата со попреченост, со кој, како што рекоа, требаше посебниот додаток од 5.021 денари да се зголеми двојно повеќе. Поддршка не доби и Предлог-законот за материјално обезбедување на стечајците, исто така поднесен од Левица.