Изразив благодарност за континуираната и силна поддршка што Соединетите Американски држави ѝ ја даваат на Република Северна Македонија за нејзината евроатлантска и европска интеграција, како и за унапредување на политичките процеси во земјата. Ова денеска на средба со американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер го соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, посочувајќи на важноста од одржување и натамошно зајакнување на овие односи кои се од заеднички интерес за двете земји.
„Ја имав честа денеска да ја пречекам амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Заедно ја истакнавме меѓусебната волја и посветеност за продлабочување на одличните билатерални односи, како и очекувањата за продолжување на спроведувањето на реформите во земјата со цел владеење на правото, реформи во правосудниот систем, како и борбата против корупцијата и криминалот“, се вели во соопштението од кабинетот на Гаши.
Оттаму велат дека претседателот на Собранието, Гаши, во име на државата изразил благодарност за континуираната поддршка што САД ѝ ја даваат на Северна Македонија, што, според него, високо се цени во земјата.
„Силен столб во билатералната соработка претставува Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и САД од 2008 година, како и Стратешкиот дијалог меѓу двете влади од 2022 година“, рече Гаши.
Според него, важна е улогата на Северна Македонија и САД во промовирање на регионалната стабилност и соработка меѓу земјите од Западниот Балкан.
Како што соопштија од кабинетот на Гаши, Собранието претседава со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и од 18 до 20 јуни 2024 година во Собранието ќе се одржи 11. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процес за соработка во Југоисточна Европа што, како што велат од неговиот кабинет, претставува уште еден знак на посветеност на земјата за продлабочување на регионалната соработка.
Како што велат од кабинетот на Гаши, Агелер изразила подготвеност на САД за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, а ги нагласила и очекувањата за продолжување на спроведување на реформите во државата, како добро владеење на правото, реформите во правосудниот систем и борбата против корупцијата и криминалот.
Гаши и Агелер се согласиле, како што се вели во соопштението од неговиот кабинет, во иднина да се посвети поголемо внимание на економските прашања, со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните, подобрување на образовниот систем, како и привлекување на странските инвестиции, со што земјата ќе може да напредува кон европскиот пат.