Собранието, денеска, во рамките на 85. седница, ги констатира оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Марко Бислимоски, и на членката на Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси, Цвета Ристовска. По усвојувањето на дневниот ред, почнаа двочасовните опозициски прашања до премиерот и министрите.

На дневен ред на 85. седница се предлог-одлуката за давање овластување за склучување поединечен колективен договор, предлогот за избор на судија на Уставниот суд на Република Македонија, предлог-одлуката за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор, предлог за именување на (непрофесионално ангажиран) член на Советот на експертите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Пратениците ја утврдија потребата за носење предлог-закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, по скратена постапка, со кој се предвидува продолжување на рокот за дополнителни пет години за легализација на бесправно изградените објекти, односно законот да важи до 3 март 2031 година.

Во прво читање се предлог-законот за органско земјоделско производство и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата во Република Македонија.

На дневен ред на седницата е и предлог-резолуцијата за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешните челници на институциите на Република Косово.