Со двотретинско мнозинство усвоени измените на Законот за прекршоците

Собранието денеска со 81 глас „за“, 19 „против“ и воздржани го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците по скратена постапка, со што се отвора патот за почеток на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари.

Гласањето беше номинално, по барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, што значи дека секој пратеник се изјаснуваше поединечно. За усвојување на законот беше потребно двотретинско мнозинство, кое беше обезбедено.

Автоматско детектирање, електронско плаќање и проширување на прекршоците

Со законските измени се предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Се очекува брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите да придонесе за генерална превенција и зголемување на безбедноста на патиштата.

Законот овозможува примена на нови технологии, односно систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање, како алатка за брзо и ефикасно откривање на сообраќајните прекршоци и спроведување на постапките за нивно санкционирање.

Во првата фаза, системот ќе регистрира прекршоци како брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци што ќе бидат опфатени.

Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои ќе биде утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Плаќањето ќе може да се изврши електронски, а доколку се плати навремено, нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Други закони на дневен ред на Собранието

Во рамките на 76. седница, Собранието го разгледува и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди во прво читање.

Собранието денеска ќе одржи и продолженија на две пленарни седници. Во рамките на 81. седница, преостанати за разгледување се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полицијата, и двата по скратена постапка.

На дневен ред на 20. седница е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, кој се разгледува во прво читање.