Од Собранието потврдија дека во нивната архива е примен Предлогот за реконструкција на Владата испратен од премиерот Димитар Ковачевски, пренесува Слободен Печат.
-Премиерот го достави предлогот за реконструкција на Владата и е примена од нашата архива. Кој ден ќе биде на седница, односно кога претседателот на Собранието ќе ја свика, ќе информираме дополнително, велат од собраниската прес-служба.
Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
Кренар Лога е предложен за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, додека за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ, на местото на досегашниот Насер Нуредини од ДУИ.
Лога ќе го замени Никола Тупанчевски од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива.
Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, а за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.
Коалицискиот партнер во власта Алтернатива, кој раководи со министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, а има кадри и во пониските ешалони на власта, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.