Со 92 гласа „за“, ниту еден „воздржан“, ниту „против“, Собранието го усвои дневниот ред од 67-та седница, на којшто се ставени две точки и тоа предлог-измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност и Законот за акцизи и двата по скратена постапка.

Заменик-министерот за финансии Филип Николовски, образложувајќи ја потребата од носење на измените и дополнувањата на овие два закони по скратена постапка, рече дека тие треба да се донесат поради брзиот скок на цените, со цел граѓаните и бизнис заедницата да се приспособат на новонастанатите услови.

– Се предлага Собранието да расправа и да го усвои Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка, од причина што тој има една и единствена цел, а таа е ублажување на последиците од енормниот раст на цените на енергенсите и на основите прехранбени производи на светските берзи, што се прелева и кај нас. Со тоа ќе го заштитиме животниот стандард на граѓаните, особено оние од ранливите категории, кај кои учеството на основните прехранбени производи е доминантно во потрошувачката кошница, рече Николовски.

Тој информира дека изминатите 10 дена биле направени анализи во рамки на експертскиот тим на Владата, заедно со стопанските комори, бизнис заедницата, со цел да се дојде до најдобри решенија. Николовски апелираше што побрзо да се донесат предлог-законите за ДДВ и за акцизи.

Во процедурална забелешка, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека нивната пратеничка група поднела предлози за измени и дополнувања на истите закони на 28 февруари, но, за разлика од предлозите на Владата, тие не биле веднаш ставени на дневен ред.

-Доколку навистина Владата сакаше да се ублажи ценовниот шок, владејачкото мнозинство ќе ги прифатеше нашите предлози, да не ги губевме овие 12 дена, туку амандмански ќе реагираше на постоечкото законско решение. На тој начин, ќе ги решевте турканиците пред бензиските пумпи, паниката меѓу луѓето, несигурноста кај граѓаните, неизвесноста на граѓаните. Сега тоа оди на ваше конто, рече Мицевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека, согласно процедурата, предлозите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се ставени на дневен ред на првата наредна седница, а таа е закажана за 15 март.

– Во меѓувреме, како причина на состојбите, движењата и последиците, Владата се јави со предлог-закони, кои се итни и се решив да имаме седница денеска во 15 часот. Во меѓувреме, состојбите добија на интензитет и на интервентност и Владата, како овластен предлагач, реши ургентно да интервенира, објасни Џафери.

Координаторот на СДСМ Јован Митрески рече дека е премногу сериозна ситуацијата за да се фаќаат политички поени.

-Во ваква сериозна состојба во светот и кај нас, наметната од тоа што се случува во Украина и претходно со енергетската криза, сите заедно треба да размислуваме кои се последиците од одлуките коишто ние ги носиме заедно, истакна од собраниската говорница пратеникот на СДСМ Јован Митрески.

Тој рече дека денес на дневен ред се две точки, измени во законот за ДДВ и во законот за акцизи, кои се дел од пакетот од 26 мерки коишто Владата ги донесе заедно со коморите, заедно со синдикатите и потрошувачите, заедно бидејќи сите ги чувствуваат последиците од оваа наметната, европска, економска криза и повика собранието да влезе во процедура на носење на овие закони и да продолжат сите други мерки.

По усвојувањето на дневниот ред, претседателот на Собранието го задолжи пратеникот Бојан Стојановски да претседава со Комисијата за финансирање и буџет, која, како матично тело, во моментов одржува седница по двата предлози. На пратениците им е даден рок до 17:30 да реагираат амандмански на предлог-законите.

По завршувањето на Комисијата за финансирање и буџет и законодавно правната комисија, Собранието ќе продолжи со работа.