Бејзароски и Амдију на новите позиции

Лимко Бејзароски и Наташа Амдију се новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Бејзароски е дипломиран политиколог и доктор на историски науки, додека Амдију е магистер на правни науки.

Изборот следи по повлекувањето на кандидатката Џихан Ахмед, која се соочи со критики за својот настап пред пратениците и граѓанското општество.

Повлекување на Ахмед поради јавни реакции

Ахмед, иако магистер по правни науки, стана предмет на критики и јавна дискусија поради нејзиниот одговор за Истанбулската конвенција. Таа го помеша периодот од времето на Ататурк и развојот на Истанбул, што според Мрежата за заштита од дискриминација покажува дека не ги познава основните прашања од конвенцијата, стратешки документ за заштита од дискриминација.

„Со Истанбулската конвенција би работела на пример од основањето на Истанбул, односно тие промени како што беа на почетокот, сега многу прашања се промениле. Претходно беше, за време на Ататурк имаше и забрана за да одат покриени“, рече Ахмед.

Законски критериуми за членовите

Според законските прописи, кандидатите за Комисијата за заштита од дискриминација треба да имаат најмалку седум години искуство во областа на човековите права и пет години во областа на еднаквоста и недискриминацијата.