Собранието на денешната 84. седница ја констатираше оставката на заменик министерот за образование Лулзим Алиу.

Алиу на 19 јануари преку социјалните мрежи соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата.

Во оставката до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, Алиу посочи дека таа доаѓа како одраз на негова лична и професионална анализа и оти во овој период е најсоодветно да го продолжи својот придонес во академското поле.

-Почитуван Претседател на Владата, Со ова писмо сакам да Ве известам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата заменик министер во Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Мојата оставка доаѓа како одраз на моја лична и професионална анализа, ценејќи дека во овој период е најсоодветно да го продолжам својот придонес во академското поле, во мојата истажувако-научна работа, како и посветеност кон семејството, наведе Алиу во оставката, што ја објави на својот фејсбук профил.

Алиу на Владата и посакува понатамошни успсеси во работата и упатува благодарност за довербата и за можноста што му била укажана да служи на оваа одговорна позиција.

Лулзим Алиу е кадар на коалицијата ВРЕДИ, односно од партијата Алтернатива. Тој упати благодарност и до партијата и нејзиниот актуелен претседател Беким Али и на претходните партиски претседатели Африм Гаши и Зеќирија Ибрахими.