При дефинирањето на дневниот ред од денешната 125. седница, Собранието ги усвои предлозите да се разгледа конечниот извештај за извршената ревизија за работењето во 2021 година за ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје и да се формира анкетна комисија која ќе работи на случајот со клиниката.

Според пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, кој го даде предлогот за разгледување на извештајот, самото непостапување по ревизорскиот извештај кој утврдил нерегуларности носи директна одговорност на Владата.

– Заради утврдување на одговорноста кон граѓаните, заради остварување на надзорната функција на Собранието, заради отпочнување на транспарентна и јавна постапка за дознавање на вистината за грозоморните случувања на Онкологија, предлагаме итно дополнување на дневниот ред со точка разгледување на конечниот извештај за извршена ревизија на усогласеност за 2021 за ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – образложи Лефков.

Пратеникот Антонио Милошоски предложи формирање на анкетна комисија во врска со случувањата на онкологија.

– Оваа анкетна комисија ја бараме согласно член 118 став 3 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со кој што Собранието со одлука може да основа анкетни комисии за секое прашање од јавен интерес – рече Милошевски.

Според него, изминативе денови нема поголемо прашање од јавен интерес од тоа кој ја сноси политичката одговорност за случувањата на онкологија.

Претходно на седницата беше образложена потребата за носење на неколку закони по скратена постапка, и тоа измени и дополнување на Законот за акцизите и на Законот за Развојната банка на Северна Македонија, Предлог на закон за решавање банки, измени на Законот за хартии од вредност, Предлогот на закон за системот за проценка на лица со попреченост, Предлог на закон за регистар на задолжително социјално осигурување, измени и дополнување на Законот за здравственото осигурување, Прeдлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, измени и дополнување на Законот за личната карта и на Кривичниот законик.

Опозициската партија бараше дел од овие закони да не бидат ставени на дневниот ред, но пленумот не ги прифати нивните предлози.

По повеќе од двочасовна расправа на седницата не беше усвоен дневниот ред, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде пауза до 15:15 часот.