Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа продолженија на 50-та и на 57-та седница.
Во рамки на 50. седница пратениците расправаа по дополнетиот Предлог на Стратегијата за родова еднаквост за период 2021-2026, за која општата расправа заврши, а гласањето дополнително ќе се одржи.
Пратеничките од опозицијата и власта беа едногласни дека кога се работи заеднички и се има волја може да се направи се. Тие сметаат дека во Република Северна Македонија има подобрување на статусот на жените во јавниот и приватниот живот. Посочија дека оваа Стратегија е визија за унапредување за еднаквите права во сите сфери на животот на жените.
На 50.седница се расправаше и по Предлог на закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, кој беше прифатен и даден во второ читање, а гласањето дополнително ќе биде одржано.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов рече дека за да нема фиктивни пријави треба да се расчистат многу дилеми за да може да има правилно обесштетување на жртвите од кривично дело во насилство. За да нема злоупотреба со цел, како што рече, вистинските жртви на насилство да не останат обесштетени мора да има попрецизни критериуми за да може петчлената комисија врз основа на одредени акти да одлучува кои се може да добие паричен надоместок. Веројатно, како што посочи тој, во текот на расправата пред второто читање во матичната комисија ќе се обидат да ги направат овие корекции во поднесениот закон.
Во рамки на 57. седница без расправа помина Предлог на законот за дополнување на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, кој беше даден на второ читање, а гласањето дополнително ќе биде одржано.