Средства за инфраструктура, социјална заштита и комеморативен проект

Собранието денеска со 68 гласа „за“, 4 „против“ и без воздржани, изгласа одлука за прераспределба на буџетски средства помеѓу корисниците на централната власт и фондовите за 2025 година. Со оваа одлука, меѓу другото, се издвојуваат 2 милиони денари за почетни активности и идејно решение за изградба на спомен-обележје во Кочани, во чест на загинатите во трагичниот пожар, како и 600 милиони денари за инфраструктурни и капитални проекти во општините низ државата.

Дополнително, 242,3 милиони денари се пренаменети за исплати кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.

Пренамена од странски инвестиции кон социјални и локални програми

Собранието пренасочи пари и за општински проекти, култура и за заштитни друштва. Средствата за овие нови распределби се обезбедени преку кратење на други буџетски ставки, и тоа:

– 585.601.000 денари од Потпрограма Д5 на Владата – „Привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободната економска зона“,
– 242.264.000 денари од Потпрограма 60 на Министерството за економија и труд – „Развој на политики од областа на трудово право, социјална заштита и вработување“.

Овие средства се пренаменети кон:

– Министерството за социјална политика, демографија и млади – 242.264.000 денари,
– Министерството за образование и наука – 361.185.000 денари,
– Министерството за спорт – 62.416.000 денари,
– Дејности од областа на културата – 60.000.000 денари,
– Заштита на културното наследство – 2.000.000 денари,
– Капитални дотации за инфраструктура до ЕЛС (Единици на локална самоуправа) – вкупно 600.000.000 денари.

Пауза поради пратенички барања

Седницата беше двапати прекинувана по барање на пратениците Сашко Јанчев од Левица и Арбана Пашоли од Европски фронт. Јанчев побара пауза заради станарини и патни трошоци. Пашоли побара време за разгледување на материјалите, бидејќи седницата била закажана доцна.