Започна процесот за креирање на планот за Партнерство за отворена власт 2026–2028
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, учествуваше на конференција во Клубот на пратеници, со која започна процесот на подготовка на новиот национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028. Во фокусот на настанот беше улогата на Собранието како активен партнер во унапредувањето на транспарентноста и отчетноста.
Димовска посочи дека овој процес претставува можност за зајакнување на отвореното и одговорно управување, но и за поголемо вклучување на граѓаните во креирањето политики.
„Собранието, како централна институција на демократијата, има особена одговорност во овој процес. Нашата улога не е само да донесуваме закони, туку и да обезбедиме ефективен надзор, транспарентност во работењето и вистинско учество на јавноста. Наша должност е информациите кои произлегуваат од работата на Собранието да ги обезбедиме на проактивен, транспарентен и дигитално достапен начин за граѓаните“ – истакна генералната Димовска.
Отворен парламент како стратешка цел
Таа нагласи дека концептот на отворен парламент е дел од стратешките приоритети за периодот 2026–2030 година. Овој пристап е поврзан со дигитализацијата, зголемувањето на ефикасноста и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Димовска потенцираше дека Собранието е активно вклучено во Партнерството за отворена власт од 2017 година. Во рамки на тековниот акциски план 2024–2026, како што рече, веќе се спроведуваат конкретни мерки за подобрување на транспарентноста и отчетноста, меѓу кои се воспоставување регистар на регулаторни тела, унапредување на информирањето преку Собранискиот ТВ канал, организирање надзорни расправи и иницијативата „Парламентарен караван“ за директна комуникација со граѓаните.
Консултации и јавни дебати во наредниот период
На конференцијата учествуваа претставници на институции, граѓански организации и меѓународни партнери. Тие дискутираа за значењето на Партнерството за отворена власт и за приоритетите на новиот акциски план.
Во работниот дел се одржаа тематски сесии за области како антикорупција и отчетност, граѓанско учество, дигитално управување, климатски политики и животна средина, како и отворен парламент и отворено судство.
Беше посочено дека процесот ќе продолжи со консултации, работилници и јавни дебати, со цел да се обезбеди инклузивен пристап при подготовката на новиот план. Собранието, како што беше истакнато, останува активно вклучено со насока кон зајакнување на транспарентноста, отчетноста и довербата кај граѓаните.
