Пратениците бараат да бидат вратени на владина седница петте закони со кои се олеснува изградбата на коридорите 8 и 10 д, кои Владата ги предложи со европско знаменце за да избегне блокади од опозицијата. Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека со носењето на законите со европско знаме, се крши Уставот, Деловникот на Собранието и не се почитува ставот на делегацијата на ЕУ, пренесе Макфакс.

„Моето процедурално е за целата оваа постапка, оваа лакрдија. Гледам дека се продолжува да се тера оваа седница на начин на кој што не треба да се тера. Денеска сведочиме на нов егзебиционизам на оваа ненародна Влада. Уште еднаш гледаме како ова мнозинство ќе го крши највисокиот акт во државата, Уставот, заедно со Деловникот на Собранието на Република Македонија. Денеска пред нас се наоѓаат пет закони кои се однесуваат на градбата на коридорите 8 и 10 кои оваа Влада се одлучи, кој знае по кој пат, да го злоупотреби европското знаменце“, рече пратеникот Мицевски.

Уште еднаш гледаме како ова мнозинство ќе го крши највисокиот акт во државата, Уставот, заедно со Деловникот на Собранието, рече пратеникот Мицевски

Тој, а по него и уште неколкумина пратеници, потсети дека членот 135 од Деловникот за законите кои се носат со европско знаме, предвидува посебна процедура која не се почитува.

„Треба да се наведат податоци од изворниот акт на Европската Унија, со полн назив, број, датум како и изјава за усогласеност, потпис на надлежниот министер и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница а не да продолжат со продолжена процедура по истите. Изјавите за усогласеност стојат празни, само со потпис од предлагачот. Конкретно во одредени закони, закон за градење нема ни податок кој ја потпишал изјавата, има потпис, но нема податок. Во законот за работни односи барем името и презимето на заменик-министерот стои затоа што министерката немала храброст да се потпише. Ова е скандалозно и навредливо кон сите пратеници. Со вашите постапки вие сте поблиску до реализација на вашите коалициски и бизнис интереси, но секој ден се повеќе граѓаните ги оддалечувате од Европската Унија. Ова не е европски фронт за кој што зборувате, ова е европски криминален фонд“, рече Мицевски и побара и во оваа фаза законите да бидат вратени и предлагачот да ги усогласи.

За пратеникот Павле Трајанов петте закони се носат за да се покрие и амнестира корупцијата од договорот со „Бехтел и енка“.

„Се работи за да се покријат коруптивните елементи на договорот со ‘Бехтел и енка’. И овие пет закони се закони за амнестија на договорот со ‘Бехтел и енка’. Се е наопаку, прво се потпишува договор, а после се носат закони кои се усогласуваат со договорот. Иако е сосема логично прво да се донесат законите, а потоа да се потпише договорот. Сега е сосема јасно дека се работи за договор кој не е усогласен со законите во Македонија. Тие што го потпишале договорот прават злоупотреба на службената одговорност и за тоа треба и ќе одговараат бидејќи има елементи на кривична одговорност. Се случува всушност институционален криминал, да се покријат криминалните дејствија што ќе резултираат со имплементација на договорот“, рече Трајанов.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на забелешките за роковите објасни дека се работи за закони предложени во скратена постапка и за постапката ќе одлучува пленумот.

Опозицијата најави дека нема да биде во салата кога на дневен ред ќе бидат предложените закони за коридорите, но останува внатре се додека не ги искористи и последните шанси за блокада на дневниот ред.

Откако опозицијата ги блокираше осумте закони за олеснување на изградбата на коридорите предложени од пратеници, Владата се досети пет од нив да ги предложи со европско знаменце за да се избегнат блокадите. Со европско знаменце, иако не се работи за усогласување со ЕУ регулатива се предложени закон за работни односи, закон за експропријација, закон за урбанистичко планирање, закон за градење и законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.