Рекордни 1945 одобренија за изградба на станови се издадени во јули годинава со површина од над 150 илјади квадратни метри, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ако се погледнат податоците по месеци во изминатата деценија се гледа дека во просек се издавале дозволи за изградба на 500-600 станови месечно, со површина од околу 40-50 илјади квадратни метри, што значи дека на три месеци пред локалните избори се издадени три до четири пати повеќе одобренија за изградба на станови од вообичаено.

Над 70 отсто од овие станови, односно 1397, ќе се градат во скопскиот регион. Најмногу дозволи се издадени во општините за кои е извесно дека досегашните градоначалници нема да останат на функцијата. Скоро 30 отсто од сите одобрени станови ќе се градат во Аеродром, па потоа следуваат Центар и Карпош со по над 200 станови. Владејачката СДСМ одлучи да не ги кандидира повторно актуелните градоначалници на овие општини Златко Марин, Саша Богдановиќ и Стефан Богоев.

Иако ова е месец со рекорден број издадени одобренија за станови, овие три општини рекордери во изградба на објекти и надвор од предизборниот период. Нашето истражување за агресивната урбанизација во Скопје покажа дека 80 отсто од изградените станови во изминатите осум години се токму во овие три скопски општини. Градоначалниците се менувале, предизборно ветувале средување на урбанистичкиот хаос и повеќе зеленило, но епилогот е зграда на секое празно место.

Уште пред три години пишувавме дека во радиус од 500 метри во Аеродром се градат 30 згради. Бројката сега е е уште поголема.

Во внатрешноста, пак, најмногу дозволи за изградба на станови во јули се издадени во Куманово и Струмица – 103 и 73.

Целата сторија можете да ја погледнете на сајтот на Радио Слободна Европа.