Кумановското обвинителство ја проширува истрагата против осомничениот сериски убиец од кумановско, при што е наредена ексхумација на уште една жена за која постои сомнеж дека е убиена од 25-годишниот овчар од Малотино. Од Обвинителството засега не откриваат детали од каде е третата жртва ниту кога починала, но посочуваат дека станува збор за повозрасна жена.

Јавното обвинителство информира дека продолжува да презема мерки и активности за испитување на сите околности поврзани со предметот и дека во наредните денови е планирана уште една ексхумација за уште една жртва за која постои сомнеж дека е поврзана со кривично дело.

Обдукциите на двете жени за кои постои сомнение дека се убиени од 25-годишникот покажале дека починале од насилна смрт, а при вештачењето било утврдено дека ДНК на осомничениот е пронајдена кај двете. Од обвинителството најавија дека во истрагата ќе бидат опфатени и сите кои биле на лице место кога била констатирана смртта, вклучително и полицајци и лекари.

– Сите што биле на лице место и утврдиле дека нема сомнение за насилна смрт се истражуваат. И докторите но и полицајците што биле таму. Ќе се испитува како постапувала полицијата. Во делот на пријавите насочени кон осомничениот, МВР доби наредба да ги извади сите пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци врз основа на кои ние ќе утврдиме што е пријавено и кој постапил или не постапил – велат од ОЈО.

Во однос на тоа дали осомничениот дејствувал сам или имал помош, од обвинителството наведуваат дека се испитуваат сите околности и улогите на сите лица.

Осомничениот претходно имал кривични пријави за кражби, а при претрес во неговиот дом биле пронајдени украдени предмети. Тој моментално се наоѓа во притвор во Куманово и, пред сослушување од обвинителството и утврдување на мотивот за убиствата, деновиве треба да му биде извршено психијатриско вештачење.