Шпанија го регистрираше првиот сомнителен случај на вирусната болест Марбург (МВД) во регионот на Валенсија. Се работи за смртоносната болест која стави во карантин повеќе од 200 луѓе во Екваторијална Гвинеја, објавија здравствените власти на 25-ти февруари.
Триесет и четиригодишен маж, кој неодамна престојувал во Екваторијална Гвинеја, бил префрлен од приватна болница во одделот за изолација на болницата Ла Фе во Валенсија а во меѓувреме се прават потребните тестови, пишува Ројтерс.
На 13 февруари, Екваторијална Гвинеја стави во карантин повеќе од 200 луѓе и го ограничи движењето во провинцијата Ки Нтем, каде за прв пат беше откриен вирусот Марбург.
Оваа мала земја во централна Африка досега има регистрирано девет смртни случаи и 16 сомнителни случаи на оваа болест.
Светската здравствена организација објави дека го зголемува својот епидемиолошки надзор во Екваторијална Гвинеја. На 13 февруари, камерунските власти открија два сомнителни случаи во Оламзе, општина на границата со Екваторијална Гвинеја. Камерун го ограничи движењето долж границата за да избегне зараза.
Вирусот Марбург може да има стапка на смртност до 88 проценти, наведува Светската здравствена организација (СЗО). Засега нема одобрени вакцини или антивирусни третмани против ова вирусно заболување.