Меѓу Владата и СОНК нема договор кој би го прекинал генералниот штрајк во училиштата и градинките што трае две работни недели, откако СОНК завчера ги отфрли заклучоците на Владата и ветувањето за 10 отсто повисоки плати на вработените со ребалансот на буџетот во мај или јуни. Со 10 проценти, месечните примања на наставниците и воспитувачите во просек ќе се зголемат за 2.500 денари, соопшти вчера Владата и додаде дека е понудена и методологија со која ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образованието.
Владата оцени дека е неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк покрај понуденото решение за раст на платите и повика преговорите да продолжат.
– Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори, соопшти Владата.
Во однос на платите на штрајкувачите, Владата информираше дека одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата е груба манипулација и ставање во заблуда на штрајкувачите зашто причината е унапредување, а не кршење на работничките права.
Апелираше и премиерот Димитар Ковачевски со порака дека заедничко решение може и ќе се најде, меѓутоа, како што нагласи, СОНК треба да биде искрен пред своите членови дека Владата уште од првиот ден е отворена за преговори и дека тие не се водат под уцена, туку низ економско-социјален дијалог.
– Низ разговор со синдикатите и со репрезентативниот синдикат ќе дојдеме до решение во кое ќе имаме зголемување на платите во целиот јавен сектор. Апелирам наставниците да се вратат во училиштата…Уверен сум дека ќе дојдеме до решение и тоа не само до краткорочно, туку до достоинствено долгорочно решение за наставниците и за другите вработени во јавниот сектор. Ја покачивме минималната плата и постои законски рок од шест месеци за усогласување на платите. Тој рок не е истечен. СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие шест месеци го започна штрајкот. Според мене, ги доведе во заблуда наставниците, рече Ковачевски.
Додаде дека кога ги образложил членовите од колективниот договор и од законот за исплаќање на плата во време на штрајк, претседателот на СОНК не бил искрен до крај, не ги кажал сите членови во однос на законскитe решенија.
Вчера се одржа прв состанок на владината работната група и претставници на ССМ за креирање нов Општ колективен договор во јавниот сектор, што беше заклучок од последната владина седница. Владата и ССМ се договориле за максимална вклученост на синдикалната организација во процесот за реформи во јавниот сектор кој опфаќа оптимизација и рационализација, како и заедничко дизајнирање нов закон за плати во јавниот сектор кој ќе треба да се применува од 1 јануари 2023 година.
-На состанокот со репрезентативниот синдикат за постигнување нов општ колективен договор за јавниот сектор, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претставен од претседателот Дарко Димовски беше утврдена рамката на преговорите која во оваа фаза го опфаќа усогласувањето на платите за линеарно зголемување за 2.806 денари нето (или 4.333 денари бруто) за сите во јавниот сектор. Втора точка во рамката за преговори за новиот општ колективен договор е враќањето на регресот за годишен одмор (К-15) за целиот јавен сектор во 2023 година. На денешниот состанок партнерите на социјалниот дијалог се договорија во новиот општ колективен договор да се вклучи и утврдување нова методологија за пресметка на платите со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои дополнително треба да бидат утврдени, соопшти владината прес-служба.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски по средбата во Владата, на која не присуствуваа претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), рече дека нивните барања се однесуваат на сите работници во јавниот сектор вклучително и на вработените во образованието.
-Доколку се договориме, договорот ќе биде на задоволство на сите работници. Јавниот сектор ги опфаќа управните органи, армијата, полицијата, здравствените работници, образовнието итн. Сметаме дека овој проблем треба да се реши во интерес на целиот јавен сектор. Линеарното зголемување е во знак на солидарност, рече Димовски по средбата.
Тој вчера упати критики до СОНК и неговиот лидер Јаким Неделков со порака дека штрајкот не е авантура и дека СОНК требало да им каже на просветните работници што ќе се случи доколку штрајкуваат.
– На СОНК му дадовме безрезервна поддршка … се до вчера. Кога ќе ги поведе луѓето на штрајк, зборувам за просветните работници, требаше да им каже што ќе се случи доколку штрајкуваат и кои се правилата на игра во штрајк. Секој има право на штрајк, но штрајкот не е авантура, рече Димовски за „Утрински брифинг“.
Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ДиЏовани на новинарско прашање на прес-конференција вчера одговори дека наставниците имаат законско право на штрајк, но апелираше да се изнајде алтернативен начин да се штрајкува, кој нема да влијае на наставата на децата, затоа што децата мора да бидат во училишните клупи.
– Сакам да ги поддржам наставниците во нивните законски права да бараат подобар стандард, поголеми плати но ова никако не може да биде врз грб на учениците кои и така поради пандемијата изгубија многу од наставата, додаде ДиЏовани.
Таа напомена дека УНИЦЕФ нема да го коментира штрајкот на наставниците, но, како што рече, убаво би било да се најде иновативен начин со кој нема да бидат засегнати децата.