Градот под посебен режим на сообраќај

На 22 март (недела) во Скопје ќе се одржи атлетска улична трка со стартно-целна позиција на булеварот „Јане Сандански“. Натпреварувачите ќе се движат по дел од бул. „Јане Сандански“ од крстосницата со бул. „Србија“ и бул. „Видео Смилевски Бато“ до крстосницата со ул. „Владимир Комаров“, по дел од ул. „Васко Карангелевски“ од крстосницата со бул. „Јане Сандански“ до крстосницата со бул. „АСНОМ“ и по дел од бул. „АСНОМ“ од крстосницата со бул. „Киро Глигоров“ и бул. „Србија“ до крстосницата со ул. „Васко Карангелевски“.

Се очекува сообраќајот да биде ограничен во периодот од 07:30 до 11:30 часот, а полицијата ќе го пренасочува по околните сообраќајници.

Апел до граѓаните

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници и да ги следат промените на сообраќајниот режим за време на настанот, со цел да се обезбеди безбедно одвивање на трката и непречен проток на возилата на алтернативните рути.