Сообраќајните полицајци во Србија од 1 септември ќе имаат камери на униформите кои првично ќе се носат на автопатските делници во околината на Белград и во пресретнувачите низ државата, а планот е во иднина тие да станат составен дел на нивната униформа.

Полицаецот ќе има обврска да ги извести возачите дека неговата интервенција се снима, а началникот на сообраќајната полиција на МУП на Србија, Славиша Лакиќевиќ, објасни дека нема да се користат за гонење кривични дела и прекршоци, туку само за документирање на дејствијата на полициските службеници.

Инаку, се работи за пилот-проект во кој сообраќајната полиција доби 60 камери од американското Министерство за правда, а во вторникот и официјално и беа предадени на полицијата од американскиот амбасадор Кристофер Хил.

„Тоа е нова програма во Србија, но веќе се користи во други земји и искуството покажува дека камерите придонесоа за зголемување на довербата на граѓаните во работата на полицијата, бидејќи овие уреди гарантираат транспарентност“, рече Хил.

Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека полицајците ќе ги носат овие апарати на видлив дел од униформите и дека ќе ја снимаат целата интервенција.

Полицаецот ќе има обврска да ги информира граѓаните дека неговата интервенција ќе биде аудио-видео снимена. Исто така, должен е сите податоци што ги евидентира да ги достави до својот непосредно претпоставен и да ги внесе во налогот за извршување на службената задача.
Пристап до податоците ќе имаат само овластени припадници на сообраќајната полиција, а снимениот видео и аудио материјал ќе се чува 45 дена, по што автоматски ќе се брише.