Пописните активности на терен течат, не се прекинати, а се спроведуваат со намален интензитет со цел техничкото усогласување да се заврши во најкраток можен рок и час поскоро процесот да продолжи со висок интензитет како и до сега. Ова се должи на техничките интервенции кои се вршат во софтверот за пописната апликација поради што се диктира и прилагодува темпото на попишување заради санирање на пречките
кои доведуваа до успорување на пописната апликација.
Тимот за техничка поддршка на пописните активности работи забрзано на надминување на проблемот и има сериозен прогрес, што значи дека во најбрз можен рок сите попишувачи ќе можат непречено да си ја извршуваат својата работа. Во исто време, би сакале да ја информираме јавноста дека во последниве денови, веб- страниците на Државниот завод за статистика се под постојани напади и затоа во одредени
периоди не се достапни поради заштитите што се користат за спречување на овие напади.
Странците се со највисоко ниво на безбедност, а податоците се заштитени на повеќе нивоа по највисоките ИТ стандарди.
Апелираме до јавноста да има разбирање за овие технички проблеми кои се вообичаени кога станува збор за масовни операции со користење на напредни технологии и повторуваме дека процесот на попишување е во рамки на планираното и очекуваното и тој ќе биде целосно, успешно и крајно професионално завршен до 30 септември.