Мартин Моиз беше пренесена синоќа со специјален авион во болница во Флорида, откако го преживеа нападот во ноќта помеѓу вторникот и средата, а нејзиниот сопруг го загуби животот.

Сопругата на убиениот претседател на Хаити, била пренесена на Флорида со специјален авион од болница во Хаити, јавуваат локалните медиуми. Таа беше сместена во болницата за трауми во Клиничкиот центар Џексон Меморијал.

Првата дама на Хаити во нападот беше погодена со неколку куршуми во раката и бутот. Кога пристигна во Флорида, лекарите објавија дека се опоравува, но дека се уште е во критична состојба.

– Шокирани сме и тажни од веста за атентатот врз претседателот Моиз и ранувањето на неговата сопруга Мартин. Јас силно го осудувам овој напад и испраќам многу искрени желби за закрепнување до првата дама. САД се со народот на Хаити и ние сме подготвени да помогнеме во воспоставувањето мир во оваа земја, рече американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Пипл.

Да потсетиме, претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, беше убиен ноќта помеѓу вторникот и средата во неговата резиденција. Нападот се случи еден час по полноќ, а првата дама беше повредена и беше погодена од неколку истрели.

Локалните медиуми објавија, повикувајќи се на премиерот Џозеф, дека нападот го извршила група екстремисти кои зборувале на шпански јазик.

Во меѓувреме, четири лица осомничени за атентат врз претседателот на Хаити, Жовене Моиз, беа убиени во судир со безбедносните сили, а уште најмалку две беа уапсени од полицијата.