Весникот наведува дека е „нетипично“ строго доверлив документ да биде испратен до сите ЦИА станици и бази ширум светот.
Во тајниот документ како причини за неуспешните мисии се наведуваат лошите разузнавачки вештини, преголема доверба во изворите, потценување на странските агенции, како и пребрзо регрутирање на доушници, проблем кој е опишан како ставање на мисијата пред безбедноста.
Документот што е испратен последната недела од септември сугерира дека ЦИА ги потценила своите противници со уверување дека нејзините агенти и шпионски вештини се подобри од другите разузнавачки служби.
Според Њујорк тајмс, во протечениот документ се наведува дека земјите што се цел на САД се исто така вешти во лов на информатори, додека вештините на Агенцијата „рѓосаа“ по децении фокусирање на терористичките закани и потпирање на ризични комуникациски системи.
Иако во документот се идентификувани голем број информатори кои биле уапсени или убиени, бројот на оние што се свртеле против САД не е целосно познат. Понекогаш, посочува њујоршкиот весник, информаторите што откриваат ривалски разузнавачки служби не се апсат, туку се ангажираат како двојни агенти кои поднесуваат дезинформации на ЦИА, велат поранешни официјални лица, додавајќи дека Пакистанците биле особено ефикасни во тоа.
ЦИА во изминатите години претрпе катастрофални упади во нејзините шпионски мрежи, каде, според Њујорк тајмс, агентите најверојатно биле откриени за кршење на тајниот систем за комуникација на Агенцијата преку кој таа комуницирала со агенти на терен.
Весникот наведува дека ЦИА започнала да лови кртови во 2011 година, откако информатор во Кина објавил дека тамошните власти ги откриле сите што и помагаат на американската Влада, а потоа ги принудиле агентите да работат за нив.