Соседска патрола се одвиваше синоќа низ централниот дел на општина Кисела Вода. Градонaчалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со инспектори од СВР и со командирот на ПСОН Кисела Вода, до доцна вечерта вршеа обиколка на повеќе локации каде што има собирање на млади лица во доцните часови, паркови, дворовите на повеќе училишта и градинки, кафулиња, но и на места каде што има евидентирани почести нарушувања на јавниот ред и мир.
Со лицата кои беа затекнати на посетените локации се разговараше и им беа објаснети законските правила и прописи за превенција од ситуации кои можат да доведат до посериозни нарушувања на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.
Вчерашната мешана патрола уследи по одржаниот втор локален совет за превенција на Општина Кисела Вода, каде беа дефинирани повеќе чекори во насока на обезбедување на безбедни услови за жителите на општината. Меѓуинституционалната соработка, која е клучна за сигурноста на граѓаните во нивните населени места ќе продолжи и во наредниот период преку вакви и слични акции.