Зимски услови, врнежи и ограничувања
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, а на повисоките места во западните делови од земјата има помали остатоци од кашест снег, информира АМСМ.
Врнежи и ограничувања на одредени правци
Снег со променлив интензитет врне на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража, додека на планинскиот премин Буково има врнежи од дожд и снег. Поради снежните врнежи, воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку Стража, како и на кракот Маврово – Дебар. На делницата Тетово – Попова Шапка забрането е сообраќање за автобуси, а за останатите возила задолжителна е зимска опрема.
Задолжителна зимска опрема и состојба на границите
Од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, независно од временските услови, која ќе трае до 15 март 2026 година. Интензитетот на сообраќај надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира на прилагодена брзина, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои ризик од појава на одрони.
