Нова состојба по обилните врнежи – поплавени подруми и објекти во повеќе градови
Центар за управување со кризи ја соопшти најновата состојба до 13 часот по обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава, при што се евидентирани поплави и материјални штети во неколку региони.
Охрид и Кичево: поплавени објекти и евакуација на жители
Во Охрид и пошироката околина, поради интензивните врнежи, поплавени се подруми, дворови и неколку објекти во градот, а дел од водотеците се излеале. Локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат за отстранување на водата.
Во Кичево и околните населби регистрирана е појава на вода во подрумските простории и на одредени површини. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти, каде што им е обезбедена храна и здравствена заштита. Поплавени се и поединечни водотеци и земјоделско земјиште, а Општината и Црвениот крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови. ЈП „Комуналец“ интервенира на терен, додека екипи на итната медицинска помош се грижат за здравствената состојба на евакуираните лица.
Битола и Тетово: излевања, оштетени објекти и свлечишта
Во регионот на Битола е забележано зголемување на водостојот на локалните реки, со појава на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е ангажирана на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб ги утврдува приоритетите за дејствување на екипите.
Во Тетово и околината пријавени се уривања на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициски службеници вршат увид на локациите со оштетувања, додека општинската механизација интервенира за расчистување на свлечиштата и санација на настанатите штети.
Гостивар: поплавени патишта и населени места
Во Гостивар и околните населени места регистрирани се поплави на локални патни правци и инфраструктура. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на погодените локации, а механизацијата од Водостопанство е ангажирана за чистење на свлечишта и санација на штетите.
