Пентагон најавува испраќање повеќе воени сили на Блискиот Исток за да го заштитат Израел и американските трупи во регионот, по одмаздничките пораки од Иран, Хезболах и Хамас.

„Сите капацитети што ги имаме во регионот таму се одбранбени и со порака за одвраќање. САД ќе застанат со Израел во нивната самоодбрана. Не сакаме да видиме поширок регионален конфликт и ќе продолжиме да бараме деескалација, но најдобриот начин за тоа е постигнување договор за прекин на огнот“, изјави Сабрина Синг, портпарол во Пентагон.

Иранските власти уапсија десетици осомничени за вмешаност во атентатот врз Ханија во Техеран, меѓу нив и високи ирански разузнавачки и воени службеници. Стравуваат дека биле ангажирани од Мосад и дека е направено големо нарушување на безбедноста. Во истовреме, Ерусалим издаде инструкции до Израелците да ги подготват засолништата во случај на напади врз земјата. Од одбрана велат-подготвени се да одат далеку и да ризикуваат.

„Ова е нашата порака до целиот Блиски Исток – оние кои ги напаѓаат граѓаните на Израел, оние кои ја напаѓаат државата Израел-подготвени сме да одиме далеку, да собереме прецизни разузнавачки информации, да извршиме удари и да ризикуваме. Погодивме во Бејрут и напаѓаме во Газа, ќе бидеме силни во одбраната, а потоа ќе удриме многу силно“, изјави Херзи Халеви, началник на Генералштабот на израелската армија.

Во Газа продолжува притисокот и борбите против Хамас. Во екот на војната, Палестинците и натаму се борат да добијат соодветен пристап до храна и чиста вода.

„Се бориме да добиеме вода, стоиме во редици три до четири часа додека не наполниме две шишиња“, изјави раселен Палестинец.

ООН го вклучија алармот за појава на високо заразниот вирус-полио.

„Потребни се вакцини, но тековните борби и пречки и натаму значително го попречуваат влезот на помош во Газа“, изјави Фархан Хак, заменик портпарол на генералниот секретар на ОН.

Во услови на зголемени тензии и стравувања од поширок конфликт, Шведска најави затворање на амбасадата во Бејрут и ги повика своите граѓани да го напуштат Либан. И грчките безбедносни сили се во зголемена готовност од потенцијални терористички напади врз еврејски и израелски цели, а во Франција е издадена наредба за зајакнување на безбедноста на синагогите. Во истовреме, Тел Авив потврди дека израелска делегација заминува за Каиро да ги продолжи преговорите за договор за заложниците и прекин на огнот во Газа.