Директорот на ФЗО: „Се размислува за значајно пресадување на кожа кај една од пациентките“

Состојбата на повредените во трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, сè уште не покажува значително подобрување. Според најновите информации изнесени од директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција во Владата, петмина повредени сè уште се лекуваат во странство, а уште петмина се на болничко лекување во Скопје.

  • „Мислам дека деновиве се направи проценка за позначително пресадување на кожа кај таа пациентка. Инаку, таму проблемот е инфективен и се третира на најдобар можен начин со најдобрите можни антибиотици во моментот“, изјави Клековски, алудирајќи на пациентката која е сè уште во тешка состојба.

Страшниот пожар сè уште остава длабоки последици

Пожарот што избувна рано наутро на 16 март во познатата дискотека „Пулс“ во Кочани, однесе 62 човечки животи, а околу 200 лица се здобија со повреди. Најтешко повредените беа пренесени во болници низ Македонија и странство, каде и натаму се води битка за нивно закрепнување.

Надлежните институции, во координација со здравствените установи, вложуваат максимални напори за медицински третмани на преживеаните, а особено кај оние чие здравје и натаму е критично.