Мирна состојба во поголем дел од државата
Во најголемиот дел од земјава состојбата е стабилна и без поголеми нарушувања, информира Центарот за управување со кризи. Во скопскиот регион во моментов нема врнежи од дожд или снег, не се евидентирани инциденти, а состојбата се оценува како редовна.
Стабилна е ситуацијата и во Тетово и поширокиот регион. Сите патни правци се проодни, коловозите се претежно влажни, а патот Тетово – Попова Шапка редовно се одржува од ЈП „Македонија пат“.
На патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, е регистриран одрон. Надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот.
Поплавени дворови и подруми во западниот дел
На подрачјето на Струмица нема пријави за штети. Во моментов нема активни врнежи и не постои опасност од излевање на реките. Не се евидентирани одрони ниту непроодни патни правци.
Состојбата е мирна и во Велешко, каде нема врнежи и нема нарушувања. Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане водостоите се во опаѓање и нема излевање на реките. Сите патни правци се проодни и чисти. Патот од село Пелинце до граничниот премин Пелинце бил подмрзнат, но по интервенција е целосно расчистен.
Во Крива Паланка, Кратово и на Страцин, главните патни правци се проодни. Се вршат тековни интервенции за расчистување на снег и одрони на одделни локални делници. Стабилна е состојбата и во штипскиот регион, без врнежи.
Црна Река сè уште излеана на одредени места
Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта, пријавени се поплавени дворови, а состојбата постојано се следи.
Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патиштата се проодни, со појава на помали одрони кои редовно се расчистуваат. Во Кичево, водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема ризик од нови поплави, а во тек е состанок на Општинскиот кризен штаб.
Во Демир Хисар, поради оштетен мост на Боишка река, локалниот пат кон село Мренога е затворен. Реките се вратени во коритата, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде сè уште има излевање и поплавени земјоделски површини. Во Битола состојбата е нормализирана и водата постепено се повлекува, додека нивото на Црна Река кај Новаци изнесува 320 сантиметри.
Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а надлежните служби интервенираат на расчистување на коритото на Голема Река.
