Советот на Амбасадори, како што стои во денешното соопштение, со разочарување ја прими најавата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, како и изјавата на министерот Светлан Стоев, дадена на состанокот со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и претставникот на Европската Унија во Софија, дека Бугарија нема да поддржи почеток на преговорите на  Македонија за членство во Европската Унија, во декември оваа година.

– Совет на Амбасадори смета дека ваквото постапување од Република Бугарија не е во насока на напорите на Јозеф Борел, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, на земјите членки на Унијата и на Стејт Департментот на САД, за час поскоро одржување на првата меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Советот на Амбасадори оценува дека оваа најава е особено неповолна и опасна во време кога земјите на Западниот Балкан се соочуваат со закани по безбедноста на регионот, со влошување на епидемиолошката состојба со Ковид-19, и со енергетска криза.

Советот се надева дека и покрај овие најави, државните чинители на Бугарија ќе смогнат сили, на Самитот на ЕУ во декември, да и го отворат патот на Република  Македонија кон побрзо интегрирање во Европската Унија.