Како што се наведува во соопштението на Советот, новата методологија ќе се примени во постојната рамка на преговори со Црна Гора, а со Србија на следната меѓувладина конференција.

– Кредибилната перспектива на пристапот е клучен двигател на трансформација во регионот и искористување на можноста за заедничка безбедност и просперитет. Тоа е клучно за промовирање на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните права, изјави Ана Паула Закаријас, државен секретар на Португалија за европски прашања.

Во соопштението се посочува дека новата методологија се фокусира на следниве елементи во Србија и Црна Гора – суштински реформи, посилен механизам за политичко управување, подинамично темпо на преговори и поголема предвидливост на самиот процес.

Елементи од ревидираната методологија за проширување ќе и бидат презентирани на Србија на следниот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на министерско ниво, што треба да се одржи во јуни.

Одржувањето и унапредувањето на оваа политика е од суштинско значење за кредибилитетот на ЕУ, за успехот на ЕУ и за влијанието на ЕУ во регионот и пошироко, додаде Закаријас.

По министерскиот состанок, повторена е пораката за „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“ .

Оваа цврста перспектива, порачаа министрите на ЕУ, „се заснова на заслуги и е во согласност со политичките, безбедносните и економските интереси на Унијата“.

Србија и Црна Гора претходно изразија подготвеност да бидат вклучени во новата методологија на Европската комисија креирана за секоја земја што ќе ги отвори пристапните преговори со ЕУ.