Дали се дадени информации од преговарачкиот процес со Македонија и дали има протекување до Скопје за чекорите на бугарската држава. Испраќани ли се меилови на бугарски службеници кон такви на македонската држава, дали им е давана внатрешна информација и извршено ли е друго национално предавство?
Овие прашања од партијата „Преродба“ му се поставени на шефот на бугарската Државна агенција за национална безбедност, Пламен Тончев, на денешната седница на Народното собрание, посветена на објавените записи од седницата на раководството на партијата Продолжуваме со промените на поранешниот премиер Кирил Петков.
Одговорот на шефот на Агенцијата Тончев, пишуваат 24 часа, беше повеќе од категоричен:
-Ова се однесува на информации чувствителни на целото општество и нема да можам да одговорам подетално, зашто има поведено предистражна постапка. По контраразузнавачка линија е утврден случај во кој советник на премиерот во тој момент ги пренесувал позициите на Министерството за надворешни работи на граѓанин на Македонија.
Одговорот предизвика врева во салата, а Хамид Хамид од ДПС запраша како во ДАНБ се процесуира протекувањето на внатрешни информации.
Тончев одговори дека последниве две години се утврдени два случаја во кои документи на Агенцијата биле достапни за надворешни извори. Едниот се однесувал на негов бивш колега, против кого е покренато дело за шпионажа, а вториот се истражува од Софиското градско обвинителство и е објавен од сајт. И за двата случаја има предистражни постапки. Тончев лаконски забележа дека до тие документи пристап имале две лица, кои не биле од редовите на Агенцијата.
Иако шефот на ДАНБ не го именува советникот, едно од имињата кое може да е „информатор“ на Скопје е на Весела Чернева, која му беше советник на Кирил Петков. Тогашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска дури и ја обвини Чернева дека спроведува паралелна надворешна политика и оти самата лобира во преговорите со Македонија.
Подоцна Тошко Јорданов од ИТН директно ја именуваше Чернева и потсети дека Кирил Петков и Асен Василев учествувале на седница на Комитетот за национална безбедност кај претседателот Румен Радев, поради што може да биде покренато и прашањето дали не е предадена и класифицирана информација.
Тончев рече дека „лицето што ја доставило позицијата на Бугарија од координацијата“ „индиректно не е амбасада, туку државен службеник“. И посочи дека тоа било во времето на министерката Генчовска.
-Ова лице само на неговиот работен компјутер направило посебно бришење, кое благодарение на експертите е вратено, изјави Тончев.