Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, денес ја покажаа својата индолентност кон деловникот за работа на Советот на град Скопје, но и еклатантното непознавање на материјата. Ова го тврди Заменик на градоначалникот на град Скопје, Александар Трајановски, кој испрати своја реакција до јавноста во која посочува дека наместо решенија, членовите на ВМРО покажале дека работат исклучиво во насока на блокада на градот Скопје, оневозможувајќи им на граѓаните да ги добијат потребните услуги и проекти кои ги очекуваат.

– Јас ќе побарам извинување од претседателот на Советот, Трајко Славевски поради навредите со кои се расфрла од столчето на кое што седи. Не му доликува на претседател на Совет да кажува кој лаже, а кој не. Во однос на процедурата кога ги цитираме членовите од деловникот за работа и начинот на поднесување на амаднмани токму амандманот кој го посочивте ќе го цитирам сега: Член на Совет може по исклучок да поднесе амандман на предлог одлуката и на самата седница на Советот во текот на претресот на тој предлог само доколку материјалот по точката од дневниот ред е доставен еден ден пред денот на одржувањето на седницата на Советот – кажал Трајановски од говорницата во Град Скопје.

Тој исто така посочи дека успеал да го добие амаднманот од колешката, но вели истиот е штабски амандман, и додава дека тој нема архивски број.

– Ова само покажува дека немате доблест да признаете дека грешите, грешевте и на отварањето на 20-тата седница. Грешевте и со наметнувањето на 14-те амандмани кои што беа поднесени за прв пат во историја на Град Скопје на последен ребаланс на буџетот во годината. Исто така грешевте кога технички ви беа неисправни. Силувавте со мнозинство да ги донесете и вметнете во ребалансот, а градоначалничката ви ги потврди известувањата дека вашите амандмани не дозволуваат буџетот да се вчита. И наместо да имате доблест да признаете уште на таа седница ви подадовме рака и ви рековме да ги повлечете, ви рековме дека оние кои се конструктивни ќе ги вметнеме во буџетот за 2023 година, не попуштате, не знаете кај терате – додава Трајановски.

Тој исто така кажа дека Славески и останатите советници во градот „се кријат зад емоциите на луѓето, изгубивме цела недела две седници да ви кажеме дека амандманите ви се технички неисправни и неапликативни во ребалансот на буџетот“.

– Сите ви кажаа дека сте единствени кои поднеле амандмани на ребаланс. И сега повторно без архивски заверен амандман доаѓате да го блокирате Градот Скопје. Згора на тоа на пријавени дискутанти вие не дозволувате дискусија за амандман кој има финансиски импликации. Затоа да се навратиме господне претседателе ви кажувам повеќе пати дека не ги читате или не сте ги прочитале членовите на деловникот – заклучува Трајановски.