Советот на честа при ЗНМ информира дека во изминатите неколку недели до Советот се доставени повеќе претставки од политичката партија СДСМ, кои се однесуваат на содржини објавени во форма на колумни и јавно изразени ставови на онлајн медиумот Плусинфо.

Во согласност со правилникот за работа, Советот на честа ја спроведе постапката во рамки на новинарската саморегулација и врз основа на Кодексот на новинарите на Македонија одлучи да побара став на авторот на содржините на кои се однесуваат претставките, Бранко Героски, по што беше доставен одговор од негова страна.

По внимателна анализа на претставките поднесени од СДСМ и приложените содржини, Советот оцени дека нивниот обем, динамика на достава и начинот на аргументирање можат да упатуваат на злоупотреба на механизмите на саморегулација за цели на политичка пресметка со конкретен колумнист и медиум – во конкретниот случај со колегата Бранко Героски, уредник на Плусинфо, што е спротивно на духот на јавниот интерес и на демократската комуникација.

Советот потсетува дека слободата на изразување и слободата на мислење се основни човекови права и суштински предуслов за демократска јавна дебата. Истовремено, овие права не подразбираат слобода за навредување, омаловажување и деградирачка комуникација. Јавната критика е легитимна – особено кон носители на јавни функции и високи политички актери, но јазикот во јавниот простор, вклучително и во новинарските жанрови како колумната, треба да остане во рамки на пристојна комуникација и професионални стандарди, секако без говор на омраза и без поттикнување насилство.

Воедно за оваа и слични теми за во иднина, укажуваме дека надлежноста на Советот на честа е да постапува и да донесува одлуки односно мислења исклучиво во рамки на професионалните и етичките стандарди утврдени со Кодексот на новинарите на Македонија, а не да арбитрира партиски ставови и политички соопштенија насочени кон новинари, ниту да води политички расправи помеѓу партии и колумнисти.

На крај, Советот на честа изразува загриженост што во последниот период сè почесто политичките партии имаат негативни примери во јавната комуникација кон новинарите, со изразено непочитување кон нив и нивната работа. Ова претставува злоупотреба на јавниот простор во партиски пресметки на штета на јавниот интерес.

Оваа „нормализација“ на притисоци, етикетирања и навредлив говор кон медиумските работници од страна на партиските актери е опасен тренд кој не смее да стане ново правило од ниту еден политички актер.

Бројот на јавни агресивни објави во краток временски период, нивната насоченост кон новинарите, како и фактот дека во секој поединечен одговор се повикува на саморегулативните медиумски тела, може да креира перцепција на институционален притисок врз новинарите и злоупотреба на механизмите на саморегулација за политички цели.

Демократскиот натпревар се води со аргументи и политики, а не преку дискредитација на новинарите и претворање на јавниот простор во партиско бојно поле.

Извор: ЗНМ