Советот на јавните обвинители на денешната 40-та седница го пополни составот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). По бурната дебата за тоа дали треба да се ротираат кадрите, Советот им ја додели довербата на Енѓелуше Кадриу-Леши, Александар Марковски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитриовска.
Клучен момент на седницата беше ставот на дел од членовите и на новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, дека треба да им се даде шанса на обвинители кои досега не биле дел од ова елитно обвинителство, за да се избегне „акумулација на моќ“.
„Мојот главен критериум е тоа дека на секој од јавните обвинители надвор од подрачјето на Скопје треба да им се даде можност да се пронајдат во едно обвинителство. Ме разочарува тоа што за пет места има само осум кандидати“, изјави обвинителот Савески.
На огласот првично се јавија осум кандидати, но Трајче Пеливанов и Артан Ајро ги повлекоа своите кандидатури пред почетокот на гласањето.
