Ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту премиерот Христијан Мицкоски не ја загрозиле независноста на обвинителката Ленче Ристоска со тоа што постојано ја напаѓаат на прес-конференции или беше нарекувана медиокритет. Советот на јавните обвинители денеска едногласно ја одби иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, во која таа тврдеше дека е изложена на политички притисоци и надворешни влијанија поврзани со нејзината работа на предмети.

Во иницијативата доставена до Советот Ристоска наведе дека нападите кон неа потекнуваат од политички структури на ВМРО ДПМНЕ, а како пример наведе изјави на премиерот и објави на веб-страницата на партијата.

Во образложението беше наведено дека изнесените наводи не се доволно конкретизирани за да се утврди реално влијание врз нејзината самостојност. Според членката Маријана Илиевска, изјавите и јавните напади, иако несоодветни, не биле директно поврзани со нејзиното одлучување како обвинител.

Советот заклучи дека нема докази за загрозување на професионалниот интегритет или за надворешно влијание врз работата на Ристоска.

Ленче Ристоска реагираше на она откако премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Вечер.мк“ на почетокот од годинава ја нарече „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка мартица“. Тој тоа го кажа зборувајќи законите за правосудството и предлог-измените на Кривичниот законик. Сепак, за волја на вистината, Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката.

Ристоска е дел од ОЈО Скопје, јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.

Таа нагласи дека изјавите на премиерот ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.