Градоначалникот Александар Георгиевски ги информираше советниците дека веднаш по преземањето на градоначалничката должност извршен е вонреден попис на побарувањата и обврските на општината, заклучно со 31 октомври 2021 година.

Притоа, како што рече тој, за таа намена формирана е комисија која што утврди состојба на неколкукратно поголеми доспеани обврски од побарувањата, од кои, поголемиот дел се пристигнати во периодот од 1 до 31 октомври 2021 година, за време на процесот на локалните избори. За ова, додаде градоначалникот Георгиевски, поднесен е комплетен извештај од страна на комисијата.

На седницата беше усвоен кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Илинден за периодот од 01.01.2021 година до 30.09.2021 година, а советниците донесоа и одлука за дополна на Одлуката за извршување на буџетот на општина Илинден за 2021 година.

На истата седница беше донесена и Одлука за одобрување на Планот на програми за развој на буџетот на општина Илинден за 2022 година, со што е почнато изготвувањето на буџетот на општина Илинден за наредната година.