Советот на општина Кавадарци на денешната седма седница ја усвои програмата за одбележување на празникот Свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите. Според програмата, која чини нешто повеќе од милион денари, активности за промоција на производи од грозје ќе има на 13 и 14 февруари, в недела и понеделник.

За време на дводневното празнување, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и да уживаат во закуски со маџун од грозје, подготвени од кавадаречките вешти жени, како и во други традиционални видови на храна и пијалоци, во духот на празникот.

Традиционалното закројување на винови лози е в понеделник, на Свети Трифун. Тогаш е предвидена и музичка програма.

Програмата беше усвоена со 11 гласа „за”, шест „против” и еден воздржан.