Поддршка за решението на Владата за транспортниот сектор
Советот на странски инвеститори ја истакна својата поддршка за чекорите на Владата во решавањето на проблемите што ги предизвикува новиот Систем за влез/излез на ЕУ (ЕЕС) за македонските транспортери. Особено беше поздравена најавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за одложување на примената на системот за македонските превозници до 30 септември.
Институцијата соопшти дека со интерес ја следи ситуацијата и укажува на сериозноста на проблемот, кој директно влијае врз работењето на компаниите во земјата.
„Советот на странски инвеститори го поддржува изнаоѓањето на решение за македонските транспортери, бидејќи тоа значи заштита на инвестициите во земјата, овозможување на непречено движење на стоки, намалување на ризиците на индустриското производство, стабилност на работните места и на извозот во услови на исклучително високи ценовни притисоци на репроматеријалите и енергенсите, усложнување на логистичките рути поради кризата на Блискиот исток и висока глобална конкуренција.“
Советот продолжува да ја следи состојбата и да соработува со надлежните институции за обезбедување непречено функционирање на транспортниот сектор и зачувување на економската стабилност.
