Инсталација на современи прочистувачи на воздух во детските градинки
Општина Аеродром ја зајакнува заштитата на здравјето на најмладите преку воведување на современи прочистувачи на воздух во градинките. Со овие уреди, децата ќе дишат почист и посигурен воздух, кој е споредлив со условите во стерилни простории.
Станува збор за висококвалитетни прочистувачи на воздух со Х14 ХЕПА филтри кои задржуваат над 99,995% од вирусите, бактериите и останатите микроорганизми. Тие се поставени во градинките „Срничка“, „Калинка“, „Црвенкапа“, „Лале“, „Чекорче“, „Бамби“, „Буба Мара“, „Сонце“, „Пчелка 1 и 2“ и „Лавче“.
Прочистувачите имаат и префилтер со активен јаглен кој ја намалува непријатната миризба, а истовремено ја редуцира концентрацијата на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Со капацитет од 2.500 кубни метри на час, тие овозможуваат петкратна размена на воздухот во просториите на час, значително намалувајќи го ризикот од аерозагадување во внатрешноста.
Овој проект е резултат на договорот што неодамна го потпиша в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, со Владата. Целта е значително да се намалат негативните влијанија од аерозагадувањето, проблем кој за жал ги засега многу општини во Македонија, особено во зимскиот период.
„Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Аеродром. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во сите детски градинки и создаваме побезбедна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво“, изјави Митески, потенцирајќи дека е тоа дел од долгорочната посветеност за подобрување на квалитетот на животот и заштита од сите видови загадувачи што влијаат врз здравјето.