Триесет и тројца од вкупно 39 заробени рудари под земја во рудникот во источна Канада ноќеска успеаја да излезат од окното, а спасувачката операција продолжува, изјави шефот на спасувачките екипи.
-Помина многу време. Останаа уште шест лица да се извлечат и се надеваме дека сите во текот на денот ќе бидат на површината, за телевизијата Си-Би-Ес денеска изјави Шон Рајдаут, лидерот на спасувачите. Рударите во неделата беа заробени во рудникот на длабочина од околу 900 метри, така што може операцијата да потрае и до десет часа, кажа Рајдаут, додавајќи дека рударите досега под земја се наоѓаа 48 часа.
Според него, не сите се физички способни сами да се качат, па затоа се користат јажиња за да ги кренат.
Рударите останаа заглавени на длабочина меѓу 900 и 1.200 метри поради дефект во лифтот што ги спушта работниците во рударската јама. Тие успеале да се затскријат додека чекале помош. Бразилската групација „Вале“, која е сопственик на рудникот, вчера објасни дека никој од рударите не е повреден во тој инцидент и дека имаат пристап до храна и вода.
Шефот на групацијата „Вале“ за канадската провинција Онтарио во денешното соопштение наведе дека се среќни и чувствуваат олеснување бидејќи рударите кои излегле од рудникот се живи и здрави.